Година што никој од нас нема да ја заборави
декември 2007

Ова е година што никој од нас нема да ја заборави. Многу немили настани се случија додека го правев албумот и не ми беше ниту до пеење ниту до музика, открива пејачката. Кристина Арнаудова сигурно чекори по музичкиот пат зашто е свесна за цврстината на темелите што ги постави во 1996 година. Колекцијата на свои дела - макси-синглот со осум песни издаден во 2001 и албумот „Возови“ промовиран две години подоцна - наскоро ќе ја заокружи со ново цеде. Неговото создавање го опишува како „исклучително долго“ и на моменти не верувала дека воопшто ќе го заврши. Причина за тоа се немилите настани поврзани со болеста на Тео, синот на Дарко Тасев, нејзиниот постојан соработник, и смртта на Тоше Проески. Сепак, во таа атмосфера на измешани чувства на тага и болка, Кристина успеала да најде сила и да го заврши почнатиот проект со симболичен наслов, „2007“, односно годината што никогаш нема да ја заборави.

Со „Возови“ потврди дека си ригорозна при поставувањето на принципите на твојата музика. Како пристапи кон новиот албум?
На ист начин. Ригорозноста значи поставување висок критериум, но и истоштување на себеси барајќи перфекција, која, да се разбереме, не постои. Беше долг процесот на создавањето на албумот и на моменти мислев дека никогаш нема да завршам. Процесот е готов, а продуктот сакам што побрзо да го споделам со сите вас, за да го чујам мислењето и критиките. Имаше многу пречки во реализацијата, немили нешта се случија во меѓувреме, болеста на малиот Тео, синот на Дарко Тасев, човекот со кој работиме заедно со години. Па, имаше еден застој. На никого од нас не му беше до музика кога ја слушнавме таа злокобна вест. Црната судбина како да не сакаше да запре тука. Ни го зема Ангелот, нашиот другар и колега, човекот кој често ни беше мотивација и пример. Снимањето и миксањето застана, цел месец не стапнав во студио. Не ми беше до пеење, ниту до музика.

Каде најде енергија да го завршиш проектот?
Имаше и убави моменти. Атмосферата во студиото беше позитивна до бескрај, со енергија за 10 албуми! Таков беше процесот, со измешани чувства и енергии. Затоа албумот ќе се вика „2007“. Ова е годината што никој од нас нема да ја заборави.

Преслушувајќи ги песните од цедето ја чувствувам малата доза флексибилност што би ја протолкувале како твое ориентирање и кон комерцијалната музика. На што се должи тоа?
Не би рекла дека бев флексибилна, само сакав да има мелодични линии во песните. Има џез, рок, каде што „пиштат“ гитари, но има и тажни и чувствителни балади, како таа што ја отпеав на „Макфест“. Сакав да имам попозитивен пристап во песните, да асоцираат на убаво, на весело. Сепак, изведов и тажни песни кои ќе натераат и камен да се расплаче. Главен мотив ми беше да биде тоа еден мелодичен поп-рок звук, карактеристичен за мене, но овој пат повеќе ориентиран кон радиски или брз и динамичен звук. По толку време работа, загубив секаков критериум за тоа како ќе звучи крајниот продукт. Знам само дека албумот звучи многу компактно, што е реткост во Македонија.

Која од новите песни е сублимат на твојата комплетна енергија?
Тешко прашање. Во секоја песна одделно ја има мојата енергија во различни периоди од двете години работа. „Голи во срцата „ ја содржи енергијата од периодот околу стапувањето во брак и се чувствува дека сум бескрајно вљубена и среќна. „Прв и последен“ ја опишува мојата психолошка состојба во последниве два месеца, кога не бев премногу среќна поради сите околности. „Тој е Бог“ ја има енергијата што ја поседувам, како моќ и креативност, но и како безусловна љубов кон музиката. Ме има секаде, а најмногу во „Мало више љубави“, темата „Прв и последен“, отпеана на српски, со аранжман на Кокан. Таа песна има истовремено тажна и среќна енергија. Маѓепсана сум од неа.

На дискот се присутни и грчкиот композитор Василис Пиперис и американскиот Чејз Ланч. Како дојде до оваа соработка?
Василис пред две години слушнал мои песни. Му се допаднала мојата техника и боја на гласот и посака да сработи нешто за мене. Ја направи одличната балада „Не ме оставај“ со текст на Весна Малинова. Со Чејз Ланч приказната е слична, но тој ме најде на интернет. Направи песна во која мојата боја одлично легна. Во последен момент, неговата тема Haunting My Heart, отпеана само на англиски, се најде на албумот. И со двајцата лично не се познавам, а тоа е уште поинтересно во сето ова.

Макфестовската „Прв и последен“ на албумот ја отпеа на српски и во нов аранжман од Кокан Димушевски. Се препознава ли во неа твојата желба за освојување и на музичкиот пазар во Србија?
Не, никако! Таа песна Весна ја создаде на српски. Таа е оригиналната форма и јас ја почитувам и сакам така луѓето да ја чујат. За соседните пазари: не сум човек што се додворува и не знам колку сум подготвена да одам таму. Речиси се' е сведено на турбофолк. Не само на песните, туку и на нивното однесување - турбофолк-нација.

Кога пејач гради кариера без продукциска куќа или без менаџер, може да повлекува потези без туѓо влијание. Колку борбата како соло-играч ти е предност во музичкиот свет?
Некогаш е, некогаш не е. Убаво е што можам да бидам сам свој газда, да снимам и да пеам кога сакам и што сакам. Но, да не се лажеме, да имав некој што ќе го работеше менаџерскиот дел од работата наместо мене, веројатно, наместо два, досега ќе имав четири албуми. Кај нас е тоа многу комплицирано, спонзорите не инвестираат веќе во музиката, а сите во последниве години зборуваме како е падната македонската музичка сцена. И најдобрите и најпродуктивните се откажаа. Државата никако да се сети што значи културата за една земја. Тешко ми е да го кажам ова, но се плашам дека и ние стануваме турбофолк-нација.

Значи ли тоа дека не можеш да живееш добро од музиката?
Не, барем во земјава. Тоа е жално, особено што од музиката кај нас тешко живеат и најдобрите композитори, продуценти и текстописци. Се' додека српските „кафански певаљки“ и слични на нив доаѓаат овде, а нашиве им даваат огромни суми за нивниот т.н. настап и се фалат како Мадона да ни дошла на гости, ќе биде така. Не сакам да звучам патетично и затоа нема да зборувам повеќе за тоа. Не сакам да се промовирам преку хуманитарната работа.

Ќе бидеш дел од хуманитарниот концерт за Тео Тасев. Со оглед на тоа што Дарко, неговиот татко, е твој голем соработник, како ја доживеа ситуацијата во која се наоѓа ова семејство?
Толку е трагично што е се' уште за неверување. Милион прашања ми се свртеа низ глава - од тие на кои никој никогаш нема да ти одговори. Зошто Боже? Каква е таа судбина и кој ја напишал, едно мало невино прекрасно детенце да се разболи и да пати. Но, не можам и не сакам да сфатам, зошто Тео? Знам дека Тео е силно мало ангелче и ќе издржи, ќе се врати, а потоа, за некоја година, ќе се качи со мене, со татко му, на сцена и ќе свири оти тоа најмногу сака да го прави.

Дали во твојата кариера си имала хуманитарни настапи?
Најголем дел од настапите ми се хуманитарни. Само неделава имам два такви настапа, од кој едниот е во Велес. Една од нашите морални должности како познати личности, е да ја искористиме популарноста и да им помогнеме на тие што во некогаш не можат да си помогнат сами. Им помагам на многу луѓе, мали дечиња, но не сакам да се промовирам преку хуманитарната работа и тоа задолжително да се развлекува по весници. Често ги посетувам дечињата во Домот „11 Октомври“.

разговарала: Соња Алексоска Неделковска

Прес галерија

ПресСексапилот е софистицираност, а вулгарноста е простотилак. Никогаш не би можела да бидам вулгарна, дури ни кога би се соблекла сосема за фотосесија или видео, како што одредени личности никогаш не би можеле да бидат секси. Тоа не се учи, тоа е просто, дел е од личноста. А на останатите не им се мешам, сметам дека е најдобро секој да си ја гледа својата работа.
галерија

Spacer-ot     Содржини
Кирилица, февруари 2008
Не правам песни за една сезона

Кристина Арнаудова спаѓа во групата музичари што природно се враќаат на сцената само кога вистински имаат што да кажат. На 14 февруари во дискотеката „Хард Рок“ го обелодени новиот материјал, дванаесет песни со заеднички предзнак „2007“.
повеќе

Македонско Сонце, 2003
Песни сплотени во нејзината душа

Иако уште од својата 16 годишна возраст почнува да заработува од музиката како дел од групата „Биг Бенг“, сепак таа се одлучува да започне со своја солистичка кариера. Следеа неколку хитови кои со својата оригиналност дадоа белег на македонската музичка сцена.
повеќе

декември 2007
Година што никој од нас нема да ја заборави

Ова е година што никој од нас нема да ја заборави. Многу немили настани се случија додека го правев албумот и не ми беше ниту до пеење ниту до музика, открива пејачката.
повеќе

Магазин +, јануари 2008
Сакам големо весело семејство

„Сакам да ставам насмевки на лицата на луѓето, сакам така да ја почнам годината и така да продолжи“, е желбата за 2008 година на поп пејачката Кристина Арнаудова, која и приватно и професионално позади себе остави убава година.
повеќе

Кристина
www.myspace.com/kristinaarnaudovamk